КАКО ДО ФИЗИЧКА И МЕНТАЛНА БЛАГОСТОЈБА ?

Вработените во болниците, во време на Ковид 19, се преоптоварени со работа и изложени на стресни ситуации. Анксиозноста и стресот, може да се намалат со здрав начин на живот, социјална интеракција и зголемено ниво на свесност. Ефектот е двоен, затоа што и пациентите повеќе им веруваат на докторите кога се физички здрави, ментално будни, енергични и успеваат да одржат телесна тежина.

PLX Academy · Човечки искуства · 2 Декември 2021

well-being

Животот за време на Ковид 19, воопшто не е лесен – насекаде има тажни семејства, болни и луѓе кои останале без работа. Образованието на децата и на младите е нарушено, а покрај физичкото страда и менталното здравје на луѓето. Тоа значи зголемено чувство на вознемиреност, изолација, неможност за справување со ситуацијата и губење на мотив за тоа.

Вработените во болниците – докторите и другиот медицински персонал, обично на прво место ги ставаат пациентите, односно и даваат приоритет на работата во однос на личниот живот. Тоа е за восхит, но има своја цена. Затоа, експертите за wellness препорачуваат, да најдете време за себе и за сопственото здравје, зашто само така ќе можете добро да се грижите и за другите. Благостојба или wellbeing, не е само кога се чувствувате удобно, здраво и среќно. Се работи за поширок концепт на квалитетен живот, кој е повеќе од среќа во одреден момент. Физичка и ментална благостојба, подразбира задоволување на сите животни потреби и имање на контрола врз животните околности.

Следат неколку совети, како да го подобрите квалитетот на живот:

 1. Редовно вежбајте

Пациентите повеќе им веруваат на докторите, кои имаат добро здравје и се убаво расположени. Физичката активност многу влијае на расположението. Кога сте физички активни, се ослободува хормонот ендорфин и тоа ви овозможува да спиете и да се чувствувате подобро. Најдобро е да вежбате во природа: во парк, покрај река или на море. Сончевата светлина, особено во зимските месеци, е добра за расположението и за здравјето во целина. Ако не сакате да бидете сами, вежбајте во група или со пријатели. Така имате дополнителна придобивка, социјална интеракција.

2. Одморете се соодветно

Преоптовареноста со работа и изложеноста на стрес, бара дополнително  време за одмор. Најдобро може да се опуштите со вежби за релаксација, јога или пилатес. Квалитетниот сон, е многу важен за вашата благостојбата. На возрасните им требаат седум до девет часа сон. Ако ви е тешко да заспиете, обидете се да се опуштите пред спиење, со читање на книга. Намалувањето на времето што го поминувате пред електронските екрани, му дава шанса на вашиот мозок да се смири и да премине во „режим на спиење“.         

3. Исхранувајте се балансирано

Доктор кој е ментално буден, енергичен и ја одржува сопствената тежина, инспирира одреден степен на доверба. Здравата исхрана, влијае на физичкото,  но и на менталното здравје. Затоа јадете многу свежо овошје и зеленчук. Намалете ја храната што содржи шеќер, масти и сол. Ако користите стимуланси, алкохол и кофеин, паметно е да ги намалите, за да избегнете проблеми со спиењето и долготрајна анксиозност.

 4. Социјална интеракција

Комуникацијата со другите луѓе е особено важна за квалитетот на вашиот живот. По долгиот ден, поминат со пациенти,  најдете време да разговарате со семејството, пријателите и колегите . Подобро е тоа да го направите директно, отколку по телефон или онлајн. Смеењето е одличен начин за ослободување од стресот, зашто предизвикува ослободување на допамин во мозокот.  Едноставно, во животот направете простор за забава и смеа.  Помагањето на другите, давањето поддршка или љубезноста,  се исто така начини да се намалат ефектите од стресот.

5. Зголемете го нивото на свесност

Концентрацијата е многу важна во секојдневната работа, со пациентите. Таа може да се подобри, ако го зголемите нивото на свесност, со користење на техники за медитација. Така ќе ја подобрите физичката и менталната благостојба и ќе може да се фокусирате на моментот во сегашноста. Ќе станете посвесни за тоа што ви се случува, за мислите и чувствата , ќе добиете точна слика за тоа што ви се случува . Истовремено, многу полесно ќе ги трансформиате негативните во позитивни мисли.

6. Направете нешто за себе

Во секојдневната работа, надвор од обврските со пациентите, кои што најчесто ви се на прво место, треба да направите простор за нешто што сакате да правите, а не ви е обврска. Тоа може да биде читање на книга, работа во градина или одење на прошетка. Можете да почнете со ново хоби или со активности, кои ја зголемуваат вашата самодоверба.

7. Изразувајте благодарност

Благодарноста е најдобриот начин да се живее среќно. Тоа е особено важно кога се соочувате со предизвици или со тешкотии. Благодарноста, може да ви помогне да се фокусирате на она што го имате, наместо на она што го немате. Изразувајте им на другите благодарност. Така ќе ја продлабочите врската со нив и ќе направите бран на позитивни ефекти околу вас. Лесно е, на пример секој ден да запишувате по три работи, заради кои сте благодарни. Тоа ќе ве направи посреќни , физички и ментално подобро ќе се чувствувате и ќе имате поквалитетен живот.

8. Побарајте помош

Без оглед што сте и посветени на медицината и вам понекогаш ви е потребна помош. Секој може некогаш, да биде вознемирен. Ако таа состојба се засили и не можете сами да ја надминете, потребно е да побарате помош. Не треба да ви биде непријатно, или пак да се срамите, да побарате помош од член на семејството или од пријател. Сосема е нормално и препорачливо, да се консултирате со професионалец за ментално здравје, кога за тоа имате потреба.

Scroll to Top