ПЕТ ОДЛИЧНИ ПРИЧИНИ ЗА ПЕШАЧЕЊЕ

Секојдневните прошетки носат многу здравствени и психолошки бенефити. Го намалуваат стресот, го подобруваат расположението, овозможуваат добар сон, помагаат во регулирањето на телесната тежина и во превенирањето на болестите.

PLX Academy · Човечки исксутва · 5 Декември 2021

Докторите и медицинскиот персонал, повеќе од останатите луѓе, се изложени на стресни ситуации. Тие секојдневно се во интеракција со пациентите, доживуваат и споделуваат различни позитивни, но и негативни емоции: неизвесност, анксиозност, страв и сл. Сето тоа, во време на Ковид 19 е засилено, со дополнителни ризични за здравјето околности.

Докторите треба да бидат во категоријата на луѓе, кои редовно шетаат. Прошетките и пешачењето, не само што го намалуваат стресот, тие носат и многу други здравствени и психолошки бенефити. Еве што за тоа вели wellness експертот во Кливленд Клиника, д-р Мишел Роизен:

1. Прошетките го намалуваат стресот, влијаат на расположението и ви ја зголемуваат самодовербата

Ако  по некоја стресна ситуација, сте биле на прошетка, сигурно сте се вратиле посмирени и поведри. Тогаш, од прва рака знаете дека одењето е одличен начин за справување со стресот. За време на Ковид 19,   жонглирате меѓу улогите што ги имате дома и на работа, постојано сте во временски теснец и под голем стрес. Загрижени сте за вашето и за здравјето на вашите најблиски. Загрижени сте за економската состојба и за негативните емоции кои постојано ни навираат. Едноставно, излезете од дома и прошетајте. Тоа многу ќе ви помогне. Ќе ви се забрза пулсот, ќе се намали нивото на стрес, а со тоа и шансите за мозчен или срцев удар. Студиите потврдуваат, дека пешачењето го подобрува расположението, ослободувајќи ендорфин во организмот. При секоја прошетка, може да си поставивите цел, па откако ќе ја остватрите, ќе ви се зголеми нивото на самодоверба .

2. Со одење, можете да ја намалите телесната тежина

Кога се работи за стресна професија, каква што е медицинската, по напорниот ден, уште понапорно може да биде вежбањето во затворени простории, најчесто во теретани, каде што има многу луѓе, а малку свеж воздух.  Затоа, секојдневно пешачете по триесетина минути. Покрај тоа што ќе ја намалите телесната тежина, пешачењето е добро за вашите зглобови. Ако немате кондиција, почнете со 20 минутна прошетка. Постепено, зголемувајте го времето за шетање. Кога ќе бидете подготвени зголемете ја целта на 10.000 чекори дневно (за тоа треба да имате педометар).

3. Пешачењето го намалува крвниот притисок, го подобрува сонот и ви дава енергија

Научно е докажано дека, луѓето кои редовно пешачат поретко добиваат срцеви и мозочни удари, имаат понизок крвен притисок и повисоко ниво на здрав холестерол во организмот. Пешачењето може да го намали  ризикот од канцер и да го подобри имунолошкиот систем во целина. Особено голем бенефит е тоа што пешачењето овозможува квалитетен сон и ви дава енергија додека сте будни.

4. Прошетките се поинтересни, кога со педометар ги мерите чекорите

Следењето на бројот на чекори, со педометар или со друга апликација е важно за успехот во одењето. Луѓето  кои користат апликации, секогаш настојуваат да ја зголемат бројката на чекорите, зашто сакаат континуирано да бидат сведоци на сопствениот успех и да уживаат во задоволството кога ќе изодат повеќе.  За да го направите тренингот, полесен и поинтересен побарајте некого, кој исто така, сака да пешачи. Во  време на социјално дистанцирање и избегнување на затворени простории, ќе ја намалите осмаеноста и изолацијата. Во друштво, разговорате и помалку се фокусирате на физичкиот напор, додека пешачите.

5. Пешачењето го регулира апетиот

Додека пешачите и потоа, може да имате желба за храна. За многумина, кои сакаат да ја намалат телесната тежина, тоа не е добра вест. Посакуваната храна, има тенденција да биде калорична, мрсна или слатка, а чоколадата е на врвот на листата. Но, неодамнешните наоди на Универзитетот во Ексетер, покажуваат дека пешачењето ја намалува желбата за шеќер. Одењето го јакне срцето и го подобрува метаболизмот, што во голема мера го олеснува губењето на телесна тежина. Со кратка прошетка, можете да го регулирате внесот на шеќери, дури  и да го намалите на половина.

Редовно практикувајте го пешачењето и ќе ги имате сите наведени бенефити. Едноставно, она што им го препорачувате на пациентите, направете го за себе. Така ќе бидете поздрави и помотивирани за работа, а ќе го збогатите и личниот живот. 

Scroll to Top